ВО ПОТРАГА ПО ИНСПИРАЦИЈА ВО БИБЛИОТЕКАТА ЗА ИДЕИ

Завршивте со бојадисување на вашиот дом и ви останала боја, но не знаете што да правите со неа. Не фрлајте ја; дури и мала количина на боја може да го освежи и промени изгледот на мебелот, додатоците за дом или ѕидовите.

Откако ќе го започнете креативниот процес, вреди да побарате по полиците во подрумот, оставата, или гаражата, каде што може да наидете на некои заборавени остатоци. Може, исто така, да мешате бои за да создадете цела палета на нови нијанси од разни остатоци од боја. Мешајте само бои направени врз иста основа; не мешајте премази на база на вода и растворувачи. Мала количина на бела боја, која често преостанува по варосување, претставува одлична основа за нијансирање. Може да ја измешате со која било преостаната ѕидна боја врз база на вода или со обични акрилни темпера бои кои може да се најдат во училишниот прибор.

  • Get inspired 06 autumn 2025 1080x1080 6

    Дури и една нијанса на боја за дрво може да создаде динамична и визуелно привлечна површина. Со прилагодување на нивото на разредување, можете да постигнете нежни премини кои ја зачувуваат природната текстура на дрвото. Боите на база на вода треба да се разредат со вода, додека оние на база на растворувач бараат соодветен разредувач – секогаш додавајте го постепено и во мали количини за да постигнете различен степен на транспарентност со истата боја. Користете покривна лента за да обезбедите прецизни премини помеѓу различните делови. Дрвените саксии за кујнски билки или цвеќиња може да се обојат во сегменти – од нежно нијансирани до богато обоени. Сличен ефект може да се постигне и на други дрвени предмети, како што се рамки, мали полици или други парчиња мебел. Со експериментирање со тонски варијации во рамките на една нијанса ќе создадете суптилен, но препознатлив акцент на боја.

  • Get inspired 06 autumn 2025 1080x1080 5

    Со само неколку едноставни чекори, можете да трансформирате обична маса или стол во нешто посебно. Искористете ја преостанатата боја за да го обоите долниот дел од ногарките – изберете еднаква висина за минималистички изглед или експериментирајте со различни висини и бои. Секое парче може да има своја нијанса или уникатен „потопен“ ефект. За да обезбедите чист премин помеѓу обоените и необоените површини, користете леплива лента за да спречите бојата да се разлева на соседните површини. Нанесете тенок, рамномерен слој – два слоја доколку е потребно. На овој начин, ќе додадете разигран акцент на вашиот постоечки мебел и ќе создадете кохезивен изглед во координирани бои – сето тоа без поголеми промени и користејќи материјали што веќе ги имате дома. Внимавајте при одлепување на лентата – одлепувајте ја под тап агол, што е можно поблиску до површината.

  • Get inspired 06 autumn 2025 1080x1080 4

    Остатоците од дрвени или метални премази не се користат само за реставрација на огради и мебел – со малку креативност, можете да ги претворите во вистински уметнички дела на ткаенина. Повеќенаменската памучна торба, без разлика дали се користи за плажа или за шопинг, лесно може да се трансформира во стилски, шарен додаток. Исечете едноставни форми од густа пена или мека гума и прикачете ги на дрвен стап или друга цврста рачка. Вака се создава практичен печат што ви овозможува рамномерно да го нанесете премазот на ткаенината. За разнобоен ефект, подгответе неколку различни печати и бои. По бојадисувањето, поставете ја торбата рамно и оставете ја темелно да се исуши – препорачуваме да ја оставите без да ја допирате најмалку неколку дена. Доколку сакате, можете дополнително да го направите дизајнот со пегла (користејќи хартија за печење како преграда), во зависност од видот на бојата и ткаенината.

  • Get inspired 06 autumn 2025 1080x1080 3

    Уметноста не се создава секогаш со четка – понекогаш се создава со шпатула! Остатоците од смеса за израмнување претставуваат одлична можност за создавање модерна, тродимензионална ѕидна уметност. Со мистрија, нанесете тенок, рамномерен слој кит на платно или дрвен панел ‒ доволно за да ја покрие површината, но не премногу густ за да пукне додека се суши. Експериментирајте со насоката на вашите потези и со повторувачки шеми. Откако масата за израмнување целосно ќе се исуши, можете да акцентирате одредени делови со преостаната боја за ѕидови ‒ најдобро со малку разредена боја за да не ја замати текстурата. За крај, секогаш нанесувајте слој од проѕирен лак. Ова не само што го штити предметот од прашина и нечистотија, туку и обезбедува издржливост и полиран изглед.

  • Get inspired 06 autumn 2025 1080x1080 2

    Постарите или ветвите парчиња мебел нудат одлична можност за експериментирање.Пред да нанесете боја, темелно подгответе ја површината ‒ избрусете ја, исчистете ја и, доколку е потребно, нанесете основна боја за да се осигурате дека завршниот слој е потраен. Потоа, нанесете капки боја на избраната површина. Количината, големината и поставеноста на секоја капка зависи од посакуваниот изглед. Можете да користите капалка, четка или дрвено стапче за да ја нанесете бојата. Бојата треба малку да се разреди за убаво да се распредели, но да не биде премногу течна. Додека бојата е сè уште свежа, вклучете фен за коса поставен на ладен воздух и нежно дувајте во различни насоки. Краток, насочен проток на воздух ќе создаде меки, органски распределени форми. За попрецизен ефект, доближете го фенот; за пошироко, понепрецизно распоределување, оддалечете го. На вертикални површини, најдобро е да користите погуста боја и да ја нанесете повнимателно за да избегнете капење.

  • Get inspired 06 autumn 2025 1080x1080 1

    Дали вашиот ходник или спална соба заслужуваат освежување? Дел од ѕидот во вашиот избран простор може да стане совршено платно за разигран но едноставен дезен ‒ создаден со остатоци од боја за ѕидови и сунѓер. Техниката „отпечатоци со сунѓер“ е лесна и нуди многу простор за креативност. Обидете се да експериментирате со различни видови сунѓери: класичните кујнски сунѓери се одлични за чисти, прецизни шари, додека оние со поголеми пори создаваат порустикален, нерамномерен и уметнички ефект. Може да добиете интересни текстури и со парчиња сунѓереста пена или остатоци од материјал за пакување. Обликувајте го вашиот сунѓер за да одговара на шемата што сте ја замислиле. Пред да нанесете боја, проверете дали сунѓерот е сув или само малку влажен и темелно исцеден. Секогаш прво избришете го вишокот боја на парче картон или хартија ‒ ова помага да се спречат капки и ви дава подобра контрола во креирањето на шемата.

  • Get inspired 05 autumn 2024 1080x10808

    Дали би сакале сами да направите сличен шкаф дома? Потребни ви се само малку лак во различни нијанси и дрвена квадратна летва. Исечете ја летвата на тесни плочки. Во овој случај, едната страна треба да биде права, а другата исечена под агол. Пред да нанесете импрегнација и глазура, дрвените плочки добро избрусете ги и исчистете ги со разредувач. Кога дрвото е исушено, наредете ги по желба и подгответе различни нијанси. Остатоците од премази со глазура можете да ги измешате едни со други и на тој начин да ја проширите вашата палета на бои. Само внимавајте да не мешате премази врз база на вода со премази врз база на растворувачи и обратно. Нежните премини помеѓу тонови на бои може да се постигнат и со неколку нанесувања бидејќи глазурите се полупроѕирни премази, што значи дека секое наредно нанесување малку ја затемнува нијансата. Кога премазот добро ќе се исуши, залепете ги плочките со рамната страна на шкафот, на пример странично на вратата или фиоката.

  • Get inspired 05 autumn 2024 1080x10807

    Продупчена табла, без разлика дали е дрвена или метална, е идеално платно да ја изразите вашата креативност со помош на преостанати крајни премази. Со добро оргнизиран распоред на контејнери, таквата табла може совршено да се интегрира во секоја просторија и нуди бескрајни можности за персонализација. Имате само една нијанса? Пробајте со шрафирање! Ставете леплива покривна лента за јасно да ги разграничите поединечните области и да спречите излевање на бојата на соседните површини. Внимавајте при одлепување на лентата ‒ одлепувајте ја под тап агол, што е можно поблиску до површината. Не повлекувајте ја силно од површината, бидејќи тоа може да го оштети свежо исушениот слој. Загрижени сте дека не можете целосно да го предвидите крајниот резултат? Земете парче хартија со иста големина како вашата табла и тестирајте ги вашите идеи на неа. Не плашете се да експериментирате.

  • Get inspired 05 autumn 2024 1080x10806

    Дали некогаш сте помислиле како остатоците од ѕидната боја можат да станат основа за прекрасни уметнички дела? Празно платно или дури и парче гипс-картон е одлична почетна точка за вашиот следен креативен проект. Започнете со нанесување на основната боја со валјак, а потоа ослободете ја вашата фантазија и користете ги боите што ги имате при рака. Кога креирате релјефни и уметнички текстури, можете да ја користите техниката со две четки. Искористете ја првата за да нанесете боја на платното, а потоа земете сува четка за да ја истриете бојата во различни насоки. Можете да користите стари и стврднати четки кои можеби повеќе не се соодветни за други проекти. Исто така, интересни ефекти може да постигнете со капнување на бојата на платното, која потоа се шири преку површината со мистрија во една или повеќе насоки. Има многу опции, па наместо едно платно, земете две или повеќе, и направете домашна галерија.

  • Get inspired 05 autumn 2024 1080x10805

    Сакате да бидете поекономични кога користите хартија и кеси за завиткување подароци? Побарајте остатоци од весник, картонски кутии или дури и стари мапи кои се совршени за вашето следно пакување подароци. Со преостанатата боја за ѕидови, можете да создадете уникатно и одржливо пакување за подароци што апсолутно ќе ги маѓепса вашите приматели! Исечете ги сите форми како точки, ѕвезди или срца од искористениот сунѓер или пена, потопете ги во боја и втиснете ги на хартијата за завиткување. Може да користите и четки или памучни чепкалки за да креирате шаблони. Вклучете ги децата во креирањето ‒ дозволете им со прстите да формираат своја уникатна шема, која ќе додаде посебен личен „шмек“ на подарокот. Секој подарок може да стане вистинско уметничко дело, одраз на вашата креативност и внимание на деталите. Примателите сигурно ќе ја ценат вашата индивидуалност во подарокот, а природата ќе ви биде особено благодарна.

  • Get inspired 05 autumn 2024 1080x10804

    Дали ви е интересна идејата сами да направите друштвена игра од природни материјали, остатоци од боја и лична креативност? На прошетка покрај реката или морето, соберете рамни камчиња со приближно иста големина. За играта икс-точка („tic-tac-toe“) ви се потребни десет. Пребарајте ја оставата за преостанати крајни премази; ќе ви треба најмалку една нијанса и алкохолен маркер. Бојадисајте половина од камчињата, почекајте добро да се исушат и нацртајте кругови на нив. На преостанатите камчиња нацртајте крстови и обојте ги по желба. Таблата за игра можете да ја направите од дрво или картон и да ја обоите во интересни комбинации на бои кои ја прават играта уште поатрактивна или да искористите гранчиња и моливи за да ги обележите полињата. Ако идејата ви е интересна, зошто да не направите шаховски фигури од глина?

  • Get inspired 05 autumn 2024 1080x10803

    Се сеќавате на емајлираните чаши и чинии? Изгледаат многу интересно, но можеби веќе не се погодни за готвење. Нема проблем ‒ лесно можете да им дадете нова намена. Со минимална декорација, тие можат да станат незаменлив дел од вашиот животен простор. Со остатоци од прекривни премази и малку боја и инспирација, можете да создадете уникатен сад за чување прибор за готвење или свежи билки. Сте слушнале за техниката на прскање? Тоа е едноставен метод каде што натопувате мала четка со влакна во бојата и ја нанесувате на производот со брзо лизгање со прстот по врвот на влакната, во насока кон вас. Пред да започнете со прскање, нанесете основна боја и еден слој од завршниот премаз, бидејќи така бојата ќе биде поиздржлива. Заштитете ја околината, како и ѕидовите и рацете кога доаѓате во директен контакт со бојата.

  • Get inspired 05 autumn 2024 1080x10802

    Ако имате останати еколошки глазури врз база на вода или завршни премази од минатите проекти, ова е идеална можност да се погрижите и за птиците. Освежете ги нивните куќички и создадете вистински птичји рај во вашата градина. Кој стил ќе го изберете зависи од преостанатата боја што сакате да ја искористите. Ако имате на располагање неколку различни нијанси, можете да ги измешате и на тој начин да создадете широка палета на бои која ќе ви даде повеќе можности за креативно изразување. Со шрафирање можете да креирате интересни детали со бела основа. Не заборавајте детали како рамка околу отворот или покрив со интересна шема. Пред да започнете со работа, отстранете ги старите премази и правилно подгответе ја површината за ново нанесување. Пред да ги обесите куќичките, проверете дали бојата е добро исушена. Ослободете ја вашата креативност и куќичките за птици ќе станат вистински уметнички додаток во вашата градина.

  • Get inspired 05 autumn 2024 1080x10801

    Визуелните бариери се одлично решение за создавање пријатни ќошeви и поделба на просторот. Со дрвени летви можете да ја одделите дневната соба од трпезаријата, да организирате работно катче или дискретно да го разграничите просторот за спиење во гарсоњера. Покрај функционалноста, тие овозможуваат да ја изразите вашата креативност. Зошто да не ги бојадисате со преостанатата боја што ја имате дома? Можете да им дадете индивидуалност на вашите прегради со различни акценти на бои: можете да креирате модерни геометриски линии, да си играте со рачно насликани шеми или да се обидете да создадете „омбре“ ефект со нежно мешање на две нијанси. Со малку фантазија, дрвената преграда ќе стане вистинско уметничко дело, а воедно и практичен додаток во вашиот простор.

  • Paint Smart DIY 6

    За почеток, подгответе доволно голема работна површина и добро заштитете ја бидејќи ова е техника со која бојата прска буквално насекаде. Исчистете ја сета нечистотија или прашина од вазна, украсен сад или друг украсен елемент кој веќе ви здодеа. Пред да започнете со бојадисување, проверете дали површината е целосно сува. И тогаш забавата може да започне. Побарајте преостаната боја и по потреба малку разредете ја да не биде премногу густа. Потоа пронајдете четка за бојадисување со многу густи влакна што ќе создаде поголеми и порамномерни шари. Потопете ја четката за боја во бојата и потоа лесно потчукнете ја со палецот, така што бојата ќе се распрсне на елементот. Можете да користите различни техники на потчукнување за да креирате шаблони со различни големини, па затоа е препорачливо да започнете со тестирање на стар весник и да ја усовршите техниката што најдобро функционира за вас.

  • Paint Smart DIY 5

    За што може да се искористи стара скала? Мини театар за марионетки за прсти, се разбира! Закачете покривка за маса или завеса на подолгата страна за да послужи како театарска завеса и можете да почнете да уживате во претставата. И кога нема претстава, скалата може да биде играчка за качување. Можете да изградите мост над застрашувачката бездна помеѓу креветот и столот на кој само најхрабрите играчки ќе се осмелат да се искачат. Како во вистинска џунгла, растенија и отровните змии може да висат од неа, изгледајќи чудно како стари врвки за чевли обвиткани околу тенка жица. Пред да играте, добро избрусете ја скалата за да ги отстраните острите делови и оштетените делови што може да ги повредат нежните раце на вашите деца и нанесете свеж слој боја. Само проверете дали скалата е правилно наместена и безбедна за употреба за време на играњето.

  • Paint Smart DIY 4

    Дали се сеќавате на деновите кога големите картонски кутии беа една од најзабавните играчки? Тие се одлични за создавање замоци од соништата или моќни тврдини или за правење чудовишта од кутии и други суштества во кои можете да се претворите само ако отворите неколку дупки за раце, нозе и очи и ја ставите кутијата на главата. И помалите картонски кутии или картони имаат свој шарм. Може да составите товарен воз со илјада и еден шарен вагон, кој може да тргне на долго фантастично патување по рамнини и висорамнини, низ дневната соба, низ ходникот, бањата и назад во кујната. За забава со помалку кутии, можете да користите стар картон натопен во вода и парчиња влажен весник за да создадете фигури со различни форми – без разлика дали се работи за зоолошка градина, фарма или шарена група вонземјани. Новите уметници речиси повеќе ќе се забавуваат создавајќи свои играчки отколку да си играат со нив. Потребна ви е само малку преостаната боја од последното реновирање и стари картонски кутии.

  • Paint Smart DIY 3 original

    Веќе пишувавме за тоа како самите да си направите мебел. Секако, за поголемите парчиња мебел е потребно одредено знаење и вештина, но тие исто така можат да понудат одлична можност да ги развиете не само вашите занаетчиски вештини туку и вашата креативност. Секое парче мебел треба да биде совршено прилагодено на вашите лични интереси и потреби, а дома може да најдете преостаната боја. Внимателно смислените решенија може да ја зголемат и нивната корисност; рамката од креветот може да се прошири во полица за книги или простор за дополнителни перници или ќебиња, така што се на дофат ако ве изненади студена ноќ. Ако имате домашни миленици, можете да размислите да им создадете пријатно ќоше за спиење, што ќе им понуди дополнително засолниште и чувство на сигурност. Се разбира, ако вашите миленици веќе се навикнати да спијат со вас, ви предлагаме да размислите за поинакво решение бидејќи веројатно нема лесно да се откажат од вашиот кревет.

  • Paint Smart DIY 2

    Ѕидните панели се одлично решение дури и за чудните и големи површини да изгледаат стилски и софистицирани. Едноставна интервенција додава дополнителна димензија во просторот и, со правилно поставување, визуелно го зголемува, затвора или го подига таванот. Панелите може да се постават вертикално, хоризонтално или во шема по ваш избор. Можете да креирате рамки што ќе ги истакнат сликите, огледалата или другите украсни елементи или да искористите закривени ѕидни панели за да создадете лакови над вратите или прозорците. Ако ги бојадисате во бојата на ѕидот, можете да ги користите како дискретна рамка за LED ленти, што може да биде одлично за создавање амбиентално осветлување кое ќе придонесе за пријатна аромосфера. Ѕидните панели може да послужат и како премин помеѓу две различни бои на ѕидот, што е особено корисно кога сакате да одвоите две шеми на бои или визуелни линии на поделба на различни функционални делови во просторот.

  • Paint Smart DIY 1

    Со само малку преостаната боја, можете да ѝ дадете нов живот на старата поливалка која ја има отслужено својата првична намена и да ја користите како вазна за цвеќе. Без разлика дали е поставена во градината, на терасата или на прозорецот, сигурно ќе го привлече вниманието на љубопитните набљудувачи. Старите поливалки може да се користат и како уникатни персонализирани подароци за вашите најблиски кои ги ценат одржливите и креативни решенија. Инспирација за дезени можете да најдете во природата и да креирате различни ботанички мотиви со ситни лисја, винова лоза и цветови, или може да ја „оживете“ поливалката со разиграни точки. За поавтентичен изглед, можете да вклучите и уникатна мала порака или цитат. Ако поливалката е подарок, не заборавајте да додадете букет цвеќиња и голема панделка.