Дури и металот има ограничен животен век - да се осигураме дека е правилно заштитен

Материјалите како железо, челик, цинк, бакар, алуминиум и други метали се користат насекаде. Во скоро секој дом постојат огради, скали, прозорци, врати, радијатори или друг мебел со метални делови. Честопати, недоволно заштитените или целосно незаштитените површини го променуваат својот оригинален изглед или се расипуваат поради атмосферски влијанија. Со соодветна заштита, расипувањето може да се спречи или барем да се ограничи, а со тоа да се продолжи животниот век на производот.Долготрајна заштита се постигнува само со правилна подготовка на површината и употреба на соодветен систем за премачкување. Во продолжение следат неколку основни совети за тоа како да се подготват и бојадисуваат металните површини.

Metal life 1

Изберете сончев ден за бојадисување, без дожд или магла, бидејќи висока влажност на воздухот влијае негативно врз процесот на сушење на премазот. Препорачуваме да не ги бојадисувате предметите наутро кога на нив има роса, туку да почекате да се исушат и да се стоплат на природна температура.

Маснотиите и другите нечистоти треба да се отстранат со соодветно средство за чистење или разредувач пред бојадисувањето. Старата боја која што повеќе не е прилепена на површината треба механички да се отстрани целосно со помош на отстранувачи на боја или топлина. Неоштетениот премаз на којшто му е потребно само освежување треба само да се исчисти и малку да се избруси.  

'Рѓата отстранете ја механички, со брусење или стружење. Не е препорачлива употреба на жична четка и метална волна врз поцинкуван лим, бакар, месинг или алуминиум. Ако 'рѓата се отстранува со хемиски средства врз база на киселина (фосфорна), површината мора темелно да се измие со вода и да се исуши, па дури потоа да се бојадиса (ако се употребува боја врз база на растворачи) бидејќи сите остатоци од супстанции го попречуваат сушењето.

Најголеми непријатели на металните предмети се водата и воздухот. Токму затоа металните предмети секогаш се заштитуваат со основен, анти-корозивен премаз, којшто спречува 'рѓосување и ја подобрува прилепливоста помеѓу површината и премазот. За долготрајна заштита препорачуваме нанесување на најмалку еден слој основна боја, а за повеќе изложени површини, два слоја премаз, којшто ќе ја заштити металната површина од 'рѓа и ќе ја подобри прилепливоста на завршните премази. 

Само откако површината е заштитена од 'рѓа може да се нанесуваат крајни премази или емајли кои на површината ѝ го овозможуваат посакуваниот декоративен изглед. И емајлите ја заштитуваат површината бидејќи одредени нијанси и степени на сјај го штитат металот од влијанието на сонцето и дождот. За употреба на отворен простор препорачуваме употреба на сјајни премази кои се поотпорни на атмосферски влијанија и поретко им е потребно обновување. 

Изборот на премази зависи од површината и посакуваниот краен изглед. Особено внимание треба да се посвети при бојадисување на „специфични“ метални површини, како што се галванизирани лимови, бакар, алуминиум или месинг, кои се познати како „тешки“ површини за бојадисување, бидејќи стандардните, комерцијални бои често имаат слаба прилепливост. За долготрајна заштита на овие површини препорачуваме употреба на премаз што е специјално прилагоден за избраната површина. 

Препорачуваме редовна проверка на сите метални површини за одржување на добра заштита и добар изглед. При нормални услови, доволно е тоа да се прави еднаш годишно. Посебно внимание треба да се посвети на хоризонталните површини и површините изложени на сончева светлина, кои се поподложни на временски влијанија.

 

Совети за постапката и избор на соодветна боја:

  • изберете ја вистинската боја за вашиот производ со помош на инструкциите дадени на нашата веб-страница или на пакувањето, и притоа земете ги во предвид условите на кои е изложен производот;
  • ако е потребно да нанесете повеќе слоеви, употребете боја од истиот производител за сите слоеви; 
  • не смее да се мешаат бои од различен квалитет, дури и ако се од истиот производител;
  • разредувајте ја бојата само ако е потребно за начинот на нанесување (на пр. за прскање), и притоа употребете го разредувачот наведен во инструкциите;
  • тестирајте на мал дел од старата бојадисана површина пред бојадисување за да проверите дали новата боја ќе ја раствори или омекне старата;
  • потребно е да се тестира прилепливоста на чиста површина пред бојадисување на алуминиумска површина;
  • при бојадисување на големи површини, бојадисајте ја целата површина наеднаш – не работете со прекини;
  • ако е можно, бојадисувајте ги предметите хоризонтално;
  • предметите што се прикачени треба да се бојадисаат и од задниот и од предниот дел, како и одоздола и одозгора (на пр. огради).
  • нанесете ја бојата во неколку тенки слоеви и според временските интервали дадени во инструкциите;
  • за да се постигне поубав изглед, малку избрусете ја површината пред да го нанесете следниот слој;
  • добро измешајте го секој производ пред нанесување на секој слој;
  • измијте го алатот веднаш по употребата, со разредувач (при употреба на бои врз база на растворачи) или со вода (при употреба на бои врз база на вода), и исушете го;
  • сите дамки што се формираат при бојадисување треба да се отстранат со NITRO или TESSAROL разредувач додека се сè уште свежи;
  • турете ја преостанатата боја во соодветен помал сад и добро затворете го;
  • внимавајте на температурата за складирање, особено со бои врз база на вода (акрилни бои) - бојата не смее да замрзне.

 

Чести грешки при заштита на метал и причини за нивната појава:

  • лоша прилепливост на премазот – површината не е добро исчистена, постои маснотија, 'рѓа и остатоци од разредувачи за бои, на површината има кондензација од вода
  • 'рѓа - премазот е нанесен без претходно нанесување на основна боја, површината не е добро исчистена
  • бојата тешко се распределува, има траги од четка - употребена е преголема количина на боја или несоодветен разредувач, долните слоеви се наталожени еден врз друг, превисока температура
  • груба површина - слоевите боја не се избурсени
  • мек и неотпорен слој боја – поединечните слоеви биле нанесени пребрзо еден по друг или бојата е нанесена во премногу густ слој
  • лоша покривност и несоодветна заштита - бојата е нанесена во премногу тенок слој, бојата е премногу разредена 
  • подолго време на сушење, мат изглед и структура како кора од портокал - бојата е нанесен на превисока или прениска температура и влажност на воздухот, употребен е несоодветен разредувач
  • бојата се згрутчува - не се употребени препорачаните разредувачи
  • бојата не се суши - хемиските отстранувачи на боја не се добро отстранети, влажноста е превисока или температурата е прениска, бојата е нанесена во еден, премногу густ слој
  • порозна површина - бојата е нанесена во премногу тенок слој, бојата е премногу разредена
  • пукање на бојата, пукнатини и набирање на бојата - неразредена боја е нанесена во еден, густ слој
  • лупење - површината е лошо исчистена и старите премази што повеќе не се прилепуваат на површината не се целосно отстранети, алатите не се добро исчистени, не е употребена соодветна основна боја
  • видливи вдлабнатини под бојата - оштетената површина не е санирана
  • појава на грутки на површината - алатите не се добро исчистени, не е употребена соодветна основна боја
  • испукан слој боја по сушење - премази врз база на вода се нанесени на прениска температура