Тренд на бои кој отвора многу нови можности
На најсвежите бои, кои диктираат нови трендови на бои, годинава им се придружува силна електрично жолта. Заедно со сивата, која со години е омилена во дизајнот на ентериер, тие претставуваат необична, но уникатна комбинација што отвора многу нови можности.
Со вистински избор и комбинација на сиви и жолти нијанси и прилагодување на односот помеѓу нив, можете да создадете различни расположенија и стилови. Контрастот на ладни, смирувачки нијанси на сива боја од една страна и силни, живописни нијанси на жолта од друга страна, произведува смел и драматичен ефект. Оваа комбинација ќе биде популарна кај љубителите на т.н. индустриски стил, кој испреплетува пригушени тонови, сурови материјали и светли акценти. Жолтата може лесно да се нијансира со употреба на посветли, скоро пастелни нијанси или „валкана“, окер жолта боја. Придушените нијанси на жолта најдобро се комбинираат со посветли, топли сиви или „валкани“ бели нијанси, кои внесуваат сосема поинакво, понежно и рустикално чувство во просторот. Овие комбинации ќе бидат омилени меѓу љубителите на модерен и еклектичен стил.
Кога станува збор за трендовите на бои, важно е да знаете како да ги прилагодите на вашите желби и вкус, како и на вашиот простор. Посветлите бои подобро изгледаат во помалите простори со помалку природна светлина, како што се пастелно жолтата или светло сивата, кои дополнително ги отвораат. Поголемите и посветли простории можат да изгледаат одлично дури и со најтемните нијанси, кои создаваат софистицирано и гламурозно чувство.
Просторот може да биде некако оптички трансформиран со употреба на соодветна комбинација на бои. Како општо правило, потемните, посилни бои го прават просторот помал, додека светлите бои го отвораат. За многу тесни простории и ходници, препорачуваме да користите посветли нијанси на подолгите ѕидови за да го проширите просторот и потемни, живописни нијанси на пократките sидови, за да го скратите во должина. На овој начин ќе го добиете најдоброто од двата света без да мора да изберете помеѓу посветли или потемни бои.
Употребата на две контрастни бои ви овозможува оптички да ја поделите просторијата на два дела. Вреди да се запомне дека сивите делуваат смирувачки и поттикнуваат релаксација, додека светло жолтата боја го осветлува просторот и помага да се наполни со енергија и живост. Ова ви овозможува да ја поделите детската соба на простор за спиење и катче за играње, или да создадете малку одделен работен агол во заеднички простор. На овој начин, секоја дел од просторот ви го нуди токму она што ви треба, плус просторијата ќе изгледа поголема.
Изборот на сива нијанса претставува уште еден уникатен предизвик. Сивите често имаат подтон, што може да биде жолтеникав, син или розов. Ова е добро кога подтонот е смислено избран, но честопати може да ве изненади, затоа препорачуваме одредена претпазливост. Особено при изборот на сива боја за комбинирање со чиста, силна жолта боја, не заборавајте да изберете неутрална нијанса. Тие нијанси ќе ги најдете во нашата карта на бои HGMIX во категоријата NEUTRAL, на пр. нијанси N07-3 или N07-5. Изберете нијанса со слични RGB вредности, така што не доминира ниту една од основните бои и нијансата изгледа неутрална. При избор на повеќе нетранспарентни жолти нијанси, како златна или окер, можете да избрете и потопла сива боја.
Дополнителен предизвик кај дизајнот на ентериер е тоа што ретко започнуваме со празно платно; целосно празна, бела просторија. Обично станува збор за освежување на постојниот простор, што значи дека кога избирате боја, треба да го земете предвид мебелот и другите елементи. Жолтата е одлична за пренасочување на вниманието, се додека не го одземате вниманието од погрешни елементи! Ако имате интересни уметнички дела на вашите sидови, а особено ако се обоени во силни бои, препорачуваме да изберете бела или многу неутрална сива боја за ѕидот, за да го задржите фокусот на уметноста. Од друга страна, живописната жолта боја може да „зачини“ ѕид со полици за книги или црно-бели фотографии. За посмелите, користете жолта за да потенцирате други поинтересни површини, како што се рамки на прозорци, врати или камин.
Запомнете дека дури и најмалите промени можат да создадат целосно чувство на свежина во вашиот дом. Гледајте на трендовите на бои едноставно како извор на инспирација што ја прилагодувате на вашите сопствени желби, вкус и простор.